„Фундаментите на банкарскиот сектор на Северна Македонија и натаму се здрави” – истакна агенцијата „Фич” соопштувајќи дека го потврдува кредитниот рејтинг на нашата земја „ББ+”, со стабилен изглед. Меѓу другото, агенцијата наведува дека секторот е прилично добро капитализиран и дека на крајот на вториот квартал на оваа година, стапката на основен капитал достигна 15,8%. Истовремено нагласено е и дека нивото на нефункционалните кредити е умерено и дека нивната покриеност со резервации од банките е висока.
Во контекст на позитивната оцена за банкарскиот сектор, „Фич” се осврнува и на растот на депозитите и на кредитите. Притоа, одделно е посочено зголемувањето на учеството на денарските во вкупните депозити. Кај кредитната активност, за следната година, агенцијата очекува раст од 8,5%.
Инаку, за потврдувањето на кредитниот рејтинг „ББ+”, со стабилен изглед, „Фич” наведува и дека првенствено се должи на кохерентноста на макроекономската и финансиската политика, којашто ја поддржува стратегијата на фиксен курс на денарот во однос на еврото, како и на показателите за управување, за човечки капитал и за околина за водење бизнис, коишто се подобри во однос на просекот „ББ”. Соопштувајќи го ова, агенцијата подетално ги претстави и своите видувања за македонската економија во целина, како и очекувањата за претстојниот период.