Харадинај: Визна либерализација за Косово, сепак, ќе нема до крајот на годинава

 – Косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај изјави дека визната либерализација за граѓаните на Косово нема да се случи до крајот на 2019 година, како што претходно тврдеше, но сепак треба да се очекува во наредните неколку месеци, односно идната пролет, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај во интервју за приштинскиот портал „ЕкономиаОнлајн” изјави дека упатил писмено барање за либерализација до членките на Европската унија, но веќе не верува дека Брисел може да ја донесе одлуката до крајот на годинава.

Според премиерот во оставка, за пролонгирање на датумот за визна либерализација придонело и одолговлекувањето на процесот на градење на институциите по парламентарните избори одржани на 6 октомври.

– Сега сум поскептичен. Тешко е да се случи, кога сме веќе блиску до Божик. Се занитересирав за календарот на Советот на Европа и верувам дека идната шанса да се најдеме на дневен ред ја имаме на крајот на февруари, почетокот на март (…) Можно е да влијаело малку и доцнењето во формирањето на институциите, што на извесен начин ја слабее нашата моќ, со оглед дека ги одржавме изборите но не ја дадовме потребната вест за новите институции, изјави Харадинај.

Тој вели дека одолговлекувањето на договорот за коалициона влада меѓу девте партии победнички на октомвриските избори, Движењето Самоопределување (ВВ) на Албин Курти и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) на Иса Мустафа, му ја отежнува работата во водењето на владата во ваква ситуација.

– Кога поднесов оставка не мислев дека проблемот ќе се појави по изборите. Бевме загрижени како ќе се одвиваат изборите и за среќа тие поминаа на најдобар можен начин. Сега мислам дека е битно да се формираат државните институции, затоа што имаме дежурна влада и не ни е лесно да го одржиме функционирањето на државата како влада која поднесе оставка пред неколку месеци. Станува се потешко за мене и за владата која ја водам, изјави Харадинај.

Треба да знаете
Последни објави