Дваесет и тригодишната Јамајчанка Тони-Ен Синг е избрана за Мис на светот за 2019 година и рече дека својата работа ќе ја насочи кон одржливи промени за позицијата на жените и децата.
Мис Франција го освои второто место, а Мис Индија го освои третото место. Запрашана за вредноста на натпреварувањето во убавина во денешниот свет на #MeToo движењето и стремеж кон еднаквост и почит кон жените, Синг, студентка на државниот универзитет во Флорида, рече дека убавината е најмалку важен аспект на нејзините достигнувања.
„Сакам да направам промена која е одржлива. Значи, ако зборуваме за жените, тоа треба да биде нешто што ќе обезбеди нивните деца и децата на нивните деца да имаат различни животни вредности“, рече Синг. Таа не прецизираше на какви промени мисли.
„Во ред е да славиме работи како убавина, моќ и слично, но ова е многу повеќе од тоа“, додаде таа.
Синг, која ја отпеа песната „I have nothin“ на починатата пејачка Витни Хјустон, ја доби круната од минатогодишната победничка, Ванеса Понсе од Мексико.