Најмалку 304 лица се убиени во Иран за време на протестите против зголемувањето на цената на бензинот, соопшти невладината организација Амнести Интернешнл.
Протестите се одржаа од 15 до 18 ноември.
– Иранските власти ја продолжуваат својата жестока репресија по националните протести кои започнаа на 15 ноември, приведувајќи илјадници противници на режимот, како и новинари, бранители на човековите права и студенти, за да ги спречат да кажат што мислат за оваа незамислива репресија, се наведува во соопштението на невладината организација.
Амнести додава дека ја зголемила својата статистика за жртвите во Иран. Во соопштението од 2 декември беше наведено дека најмалку 208 лица се убиени, а во последното соопштение додава дека новите податоци покажуваат дека станува збор за најмалку 304 убиени лица, меѓу кои и двајца тинејџери на возраст меѓу 15 и 17 години.
Досега иранските власти ја потврдија смртта само на пет лица за време на протестите, велејќи дека меѓу нив има четворица припадници на безбедносните сили и еден цивил. На почетокот на декември, иранската Влада најави дека ќе објави официјален записник за загинатите за време на протестите, врз основа на податоците на Националниот институт за судска медицина. Но, досега тоа не се случи.
Амнести денеска ги повика иранските власти веднаш и безусловно да ги ослободат сите што се приведени врз основа на произволен принцип и ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз Иран без одлагање.