Буџетот 2020 носи мото „Инвестираме во човечкиот капитал” затоа што човечкиот капитал е најважен за економскиот развој на една земја. Само посреќни и помотивирани на нивните работни места можат да го дадат својот максимум, а и да останат да ја градат својата иднина во својата земја, дека дома си е дома.
Ова го истакна министерката за финансии Нина Ангеловска почнувајќи го образложението на Дополнетиот предлог буџет за 2020 година пред пратеници.
Таа додаде дека во таа насока буџетот 2020 година е сериозно насочен кон основните три столба за негов развој, ќе се инвестира во подобро здравство, подобро образование, подобра социјална грижа и воопшто подобри услови за живот на сите граѓани.
-Должни сме како како Влада да се фокусираме на овие клучни области бидејќи Индексот на човечки капитал во нашата земја изнесува само 0,53, што значи дека денешните деца кога ќе пораснат, ќе користат само 53 отсто од својот потенцијал, согласно условите кои им се обезбедуваат, додека во развиените земји тој индекс изнесува над 75 отсто дури 80 отсто што значи толку е потенцијалната продуктуивност. Затоа, во Предлог-буџетот за 2020 година издвоивме наjвисоки досега 154 милијарди денари за функциите на здравството, образованието и социјалната заштита, рече министерката.
Тоа, појасни, е затоа што сакаме најдобрите лекари и медицински персонал да бидат во јавното здравство, сакаме квалитетни идни генерации и знаеме дека за тоа е предуслов квалитетното образование за секое дете и сакаме да обезбедиме грижа за сите генерации, од најмладите до највозрасните.
Ангеловска оцени дека за работната сила да биде попродуктивна како и да се подобри животниот стандад на севкупното население, потребни се и инвестиции во физичкиот капитал, односно опрема и инфраструктура.
– Верувам дека и вам ви е повеќе од јасна потребата и целта на овој Предлог-буџет, столбовите кои ги поставува и насоките кои ги трасира. Ова е само првиот чекор – во Владата се дискутира за Национална стратегија за развој на човечкиот капитал која ќе има за цел да го зголеми потенцијалот на идните генерации во нашата земја. Со ова, ќе обезбедиме континуирано инвестирање во човечкиот капитал, затоа што се зависи од луѓето, колку брзо или бавно ќе се движи нашата земја зависи пред се од луѓето – од нашиот потенцијал, ментален склоп, знаење и волја, истакна министерката.
Буџетот за 2020 година, според неа, обезбедува целосна рамнотежа помеѓу економската ефикасност и социјалната правда. Тој интегрира иницијативи насочени кон процесот на развој преку сериозни инвестициони вложувања.
-Пред вас денеска претставувам реален буџет, кој ги лоцира приоритетите и ги алоцира парите на граѓаните онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати. Предлог-буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година ги отсликува економските и социјалните политики што ќе ги спроведува Владата, а кои се насочени кон остварување на клучните цели утврдени со стратешките приоритети, потенцира Ангеловска.
Предлог-буџетот за 2020 година предвидува спроведување на макроекономска политика насочена кон задржување на макроекономската стабилност, зголемување на конкурентноста на економијата и зголемување на вработеноста, спроведување фискална политика во функција на фискална одржливост и етапна консолидација на јавните финансии, обезбедување на социјална сигурност, социјална правда и заштита, создавање на поволна деловна клима со политики на соработка со бизнис-секторот, социјалните партнери, заштита на работничките права, недискриминација, зголемена ефикасност, како и поддршка и развој на малите и средни претпријатија, поддршка за отворање на нови работни места преку активни мерки за вработување и зголемување на нивото на платите во економијата, интеграција во НАТО и започнување и успешно водење на процесот на преговори за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.
Вкупните приходи на Буџетот за 2020 година се планираат на ниво од 222,3 милијарди денари, а расходите 239,7 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,3% од БДП или 17.385 милиони денари во апсолутен износ.
Вкупните расходи во Буџетот за 2020 година, планирани во износ од 239,7 милијарди денари, како што рече министерката, се во функција на редовно и навремено исполнување на сите законски обврски, како и за поддршка на домашната економија, силна поддршка на приватниот сектор и граѓаните, инвестиции во човечките потенцијали, забрзана реализација на инфраструктурните проекти, поттикнуваање на странски инвестиции и иновативност на домашните компании, поддршка на политиките за пораст на економијата и на животниот стандард на населението, како и приоритетот за интегративните процеси на Република Северна Македонија во ЕУ и обврските кои произлегуваат од членството во НАТО.
Министерката потенцира дека во домашната економија се очекува да продолжи силниот позитивен ефект на приватниот сектор, при дополнителен позитивен ефект од владините политики и мерки.
-Растот на приватната потрошувачка е проектиран на 3,3 отсто, придвижена од очекуваното зголемување на доходот на домаќинствата, што е одраз на предвидениот раст на платите и вработеноста во економијата, поттикнат од владините мерки за зголемување на нивото на платите, мерките за намалување на невработеноста, како и активација и зајакнување на социјалната заштита на ранливите категории на население. Проекцијата за раст на јавната потрошувачка во 2020 година изнесува два отсто.
Согласно ваквите очекувања за движењето на домашната побарувачка, како и предвидувањата за меѓународното економско окружување, економскиот раст во 2020 година е проектиран на 3,8%, проекција, која, како што рече, е во линија со најновите проекции на релевантните меѓународни и домашни институции (ММФ = 3,4%, Кредитна агенција Фич=3,5%, НБРСМ = 3,8%), што претставува уште еден доказ дека во Буџетот тргнуваме од реални претпоставки како најсоодветен инпут за реални фискални проекции и одговорна фискална политика.
Стапката на инфлација во 2020 година се очекува да остане ниска, односно 1,7 отсто, со динамика која ќе биде главно под влијание на движењето на светските цени на примарните производи.
Расправата по Буџетот на пленарна седница трае најмногу пет работни дена.