Дополнетиот буџет во 2020 година во Собрание: За мнозинството развоен, за опозицијата популистички

Собранието ја почна расправата по Дополнетиот предлог-буџет за 2020 година. Дополнетиот предлог ги содржи 12-те прифатени амандмани во текот на расправата во Комисијата за финансирање и буџет. Во фокусот на буџетот во 2020 се инвестиции во човечкиот капитал. Пред пратениците предлогот  го образложи министерката за финансии Нина Ангеловска. За мнозинството буџетот за следната година е развоен, со средства насочени кон проекти од програмата и интересите на граѓаните. За опозицијата социјален, популистички и предизборен.

Приходите во Предлог-буџетот за 2020 година се проектирани на 222 милијарди и 300 милиони денари (3 милијарди и 615 милиони евра), што претставува раст од 5,6 отсто споредено со оваа година. Кај расходната страна на буџетот планиран е раст од пет отсто во однос на минатата година со што вкупните расходи изнесуваат 239 милијарди и 700 милиони денари, односно три милијарди 898 милиони евра.

Буџетскиот дефицит за 2020 година е предвиден на ниво од 2,3 отсто од БДП, што е пониско од нивото во 2019 година кога изнесуваше 2,5 проценти, согласно со Фискалната стратегија 2020-2022, како и препораките на меѓународните организации.

Дефицитот е намален и во апсолутно ниво за 160 милиони денари, и изнесува 17 милијарди 385 милиони денари.

Министерката за финансии Нина Ангеловска истакна дека во фокусот на буџетот за наредната година е човечкиот капитал, односно подобар здравствен, образовен и социјален систем и силна поддршка за раст на реалниот сектор.

– Буџетот 2020 носи мото „Инвестираме во човечкиот капитал” затоа што човечкиот капитал е најважен за економскиот развој на една земја. Само среќни и помотивирани на нивните работни места можат да го дадат својот максимум, а и да останат да ја градат својата иднина во својата земја, дека дома си е дома, истакна министерката.

Таа додаде дека во таа насока буџетот 2020 година е сериозно насочен кон основните три столба за негов развој, ќе инвестираме во подобро здравство, подобро образование, подобра социјална грижа и воопшто подобри услови за живот на сите наши граѓани.

Капиталните инвестиции во буџетот се проектирани на ниво од 23 милијарди денари, а 56 отсто од вкупните буџетски расходи ќе одат во области врз кои се потпира човечкиот капитал.

Проекциите во буџетот се правени врз основа на предвиден раст за следната година од 3,8 отсто од БДП, кој се базира на растот на приватната потрошувачка, извозот и јавните и приватните инвестиции.

Во расправата Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ го оцени како социјален, популистички, предизборен и кој не е буџет насочен кон човечкиот капитал.

– Она што како назив го имате за буџетот за 2020 година е дека тоа инвестиција во човечки капитал мислам дека уште на почетокот ви е погрешен, затоа што уште во текот на расправата во Комисијата рековме да се вложи во човечки капитал значи подобро образование, подобрување, односно вложување во науката, квалификацијата на лицата, а овој буџет посебно ако се разгледува структурата, тоа не е. Овој буџет е социјален и воопшто не е равоен, рече Кузмановска, додавајќи дека одговорно тврди дека Буџетот за 2020 година е популистички, предизборен буџет со кој навистина се потценуваат граѓаните.

– Она што не можевте да го остварите во овие три години, а ви беше во предизборната кампања сега ги предлагате, покачување на плати во здравство, покачување пензии, но треба да им кажете дека ја жртвувате економијата. Со вакви божем економски мерки, ќе биде за државата период на многу задолжувања, со мал процент на зафатнина од вкупните расходи за инвестиции, потенцира Кузмановска.

Нејзиниот сопартиец и координатор на пратеничката група Никола Мицевски истакна дека денеска пред нив има популистички, нереален буџет заснован, како што рече, врз само една основа, а тоа е  дека имаме избори на 12 април и треба „граѓаните да ги замајуваме со други работи од реалноста во Република Македонија, од она што граѓаните секојдневно го преживуваат” и оваа влада за да излезе од целата оваа ситуација изнајде еден модус, слоган „Инвестираме во човечки капитал”.

Според него, сите популистички мерки за покачување плати, пензии, што вешто се покажуваат како вложување во човечки капитал, се прават за привлекување повеќе гласови на своето конто на изборите.

– Вложување во човечки капитал значи вложување во обрзование, во вештини, во економијата за подобрување на условите за работа на претпријатијата и најмалку во краткорочни мерки што ги претставувате, а мерките ви се само за добивање глас повеќе на изборите, рече Мицевски.

Мицевски истакна дека Буџетот за 2020 година покрај тоа што е типичен предизборен поткуп, има и нереални даночни приходи.

Средствата, порача тој, треба да се насочат кон долгорочни мерки, кои ќе ја зголемат продуктивноста и капацитетот на претпријатијата и на тој начин да се дојде до состојба да се зголемат платите.

За Костадин Костадинов од СДСМ, буџетот не е популистички, туку е нормално планирање на финансиските средства и ставање на средствата на тоа што е од програмата и интерес на граѓаните.

– Една е констатацијата дека ВМРО-ДПМНЕ е свесна оти ќе ги изгуби изборите. Свесни сте и самите дека изборите ќе ги изгубите, рече Костадинов.

Тој потенцира дека за разлика од ВМРО-ПДМНЕ, која 11 години не вложувала во човечкиот капитал. – Оваа Влада во 2020 голдина ќе издвои 154 милијарди денари за човечкиот капитал, повеќе пари за медицинскиот персонал, обрзованието…, повеќе пари за оние што до вчера земале 9.000 денари минаимална плата, сега за 2,5 години земаат 14,5 милиони денари, рече Костадинов.

Диме Велковски од СДСМ наведе дека првпат се вложуваат повеќе средства од претходните години и дека Буџетот е развоен со тоа што има 38 милијарди во здравството, 36 милијарди во образование и 88 милијарди во социјална заштита.

Расправта по буџетот согласно собранискиот Деловник треба да трае најмногу пет работни дена.

Треба да знаете
Последни објави