САД разгледуваат царини од 100 отсто на повеќе производи од ЕУ

САД разгледуваат воведување 100 проценти царини за голем број европски производи што претходно беа ослободени од таквите давачки од страна на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, а цел се меѓу останатите – ирско и шкотско виски и коњак.

Канцеларијата на трговскиот претставник на САД (УСТР) во четвртокот објави список на дополнителни стоки на ЕУ на кои може да воведе нови царини, како резултат на конфликт поврзан со субвенционирање на европскиот производител на авиони „Ербас”, објави Си-Ен-Би-Си.

Вашингтон веќе воведе тарифи од 10 проценти за големите цивилни авиони и 25 проценти за земјоделските производи од Европа во октомври, и објави повеќе списоци на европски производи во вредност од повеќе од 10 милијарди долари секоја година што би можеле да бидат под казнени царини.

Сега УСТР почна јавна расправа за да се добие мислење дали да се подигнат царинските давачки на тие стоки на 100 проценти, проширувајќи го списокот на некои производи што Белата куќа ги иззема во октомври. Новите артикли, доколку се додадат, исто така ќе бидат царинети по стапка до 100 проценти.

Меѓу многуте нови производи што се разгледуваат се алкохолни пијалоци од Европа, како што се виски и коњак, шпанско маслиново масло, француско сирење, германски ножеви, португалски филети од риби …

Во посебен спор, американската Влада минатата недела објави дека може да воведе тарифи до 100 проценти на увозот од 2,4 милијарди долари од Франција, откако заклучи дека новиот француски данок за дигитални услуги ќе им наштети на американските технолошки компании.

УСТР даде рок до јавен коментар за новите тарифи до 13 јануари, додава Си-Ен-Би-Си.

Треба да знаете
Последни објави