Мешовитиот парламентарен комитет Република Северна Македонија – ЕУ се состанува по 17-ти пат на 18 и 19 декември во Европскиот парламент во Стразбур, прв пат по европските избори, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Мешовитиот парламентарен комитет ја предводи Соња Мираковска, а во неа се и Бетиан Китев, Жаклина Лазаревска, Никола Попоски, Шпреса Хадри, Ивана Туфегџиќ, Иван Стоиљковиќ и Мерал Узеири Ферати.
На состанокот, кој е прв за новоизбраниот состав на Европскиот парламент и најверојатно последен за составот на македонската собраниска делегација со оглед на претстојните парламентарни избори, ќе бидат разменети мислења за односите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ со Андреј Жерновски, заменик министер за надворешни работи, Дејвид Кулен, шеф на Одделот во Директоратот за европска соседска политика и преговори за проширување, Елза Фенет, шеф на Одделот Западен Балкан во Европската служба за надворешни работи и Илхан Ќучук, постојан известител на Европскиот парламент за Северна Македонија.
Меѓу темите за дебата на состанокот на Мешовитиот комитет се наоѓаат: владеењето на правото, судските реформи, борбата против организираниот криминал и корупцијата, за подготвеноста на изборниот систем и предложените реформи во тој домен.
На крајот на состанокот, во четврток се очекува да бидат усвоени Завршни препораки кои се упатуваат до институциите на Република Северна Македонија и на Европската унија.