Јанушев: Намерно ги блокираме законите на јавното обвинителство и изборниот законик

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, во вечерашното интервју во емисијата Топ Тема изјави дека партијата намерно ги блокира законите за Јавно обвинителство и изборниот законик за една изборна единица, како и законот за одбрана кој е неопходен да се донесе со оглед на влезот на државата во НАТО.

Изговорот на опозицијата е дека власта се обидува да ги донесе овие закони на шверцерски начин. Само за изборниот законик доставени се околу 6 илјади амандмани. За законот за Јавно обвинителство ВМРО-ДПМНЕ достави околу 4 илјади амандмани. Со ова опозицијата го блокираше Собранието, а со тоа и реформските закони предложени од владата кои требаше да бидат изгласани до крајот на годинава.

-ОДИХР и ОБСЕ препорачуваат да не се прави промена на изборниот модел најмалу 1 година пред изборите. Ниту еден изборен законик не е донесен без консензус, ова е обид на сила да се донесе, ќе ги искористиме сите механизми да го блокираме тој закон. Заедно со амандманите на ДУИ доставени се околу 6000 амандмани на изборниот законик, вели Јанушев.

Тој смета дека промена на изборниот законик треба да се направи по изборите каде ќе се седнат експерти во областа и ќе се утврди што е најдобро за земјата земајќи ги во предвид добрите и лошите страни на предлозите.

-Многу детали недостасуваат, дали ќе има преференцијални листи, дали ќе има праг, ништо од тоа не е ставено на маса и да се видат добрите и лошите страни. Не може вака аматерски. 120 изборни единици мнозински модел. Треба експертски тимови да седнат, да видат кои се добрите и лошите страни на предлозите и да дојдат со предлог што е најдобро за оваа држава. Туку така нема да помине, вели Јанушев.

Во однос на законот за Јавно обвинителство, Јанушев вели дека како партија остануваат на ставовите дека предложениот закон од страна на владата е лош и инсистираат јавниот обвинител да го предлага опозицијата.

Треба да знаете
Последни објави