Американските војници се вратиле во шест бази во Сирија

Американските трупи кои по почетокот на турската операција „Извор на мирот“ ги повлекоа своите војници од 16 бази и контролни пунктови во Сирија, се вратиле во шест бази, пренесува агенцијата „Анадолија“. Во известувањето се наведува дека американските војници во моментот ги зацврстуваат позициите на североистокот од Сирија околу границата со Турција и со Ирак, во областа на нафтените полиња.

Американските војници во провинцијата Хасека, на североистокот од Сирија, се распоредени во пет бази и контролни пунктови. Освен тоа, Американците формираат уште два контролни пункта во населената област Кахтанија во Хасека и во населбата Химо во областа Ќамишли.

САД планираат да ја утврдат безбедноста на територијата на нафтените полиња во Хасека и да си ги зацврстат позициите на сириско-турската граница. Според известувањето, американските војници сега се распоредени во Сирија во 11 бази и контролни пунктови, од кои пет се во Хасека, четири се во Деир ел Зор и две се во Рака. Во провинцијата Деир ел Зортие градат уште два контролни пункта.

САД и Турција на 17 октомври соопштија дека склопиле договор за Турција да ја прекине воената операција во Сирија за да им дозволи на курдските Одреди за народна самоодбрана да излезат од безбедносната зона во рок од 120 часа.

Подоцна, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган соопшти дека САД не ги исполниле целосно своите обврски пред Анкара во рамките на договорот за Сирија, како и дека Анкара не е подготвена за компромиси.

Треба да знаете
Последни објави