Конститутивната седница на новото Собрание на Косово закажана за 26 декември 

Вршителот на должноста претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели информира дека е договорено конститутивната седница на новиот собраниски состав, произлезено од изборите одржани на 6 октомври, да се одржи на 26 декември во 15 часот, јави дописникот на МИА од Приштина.

По денешната седница на собраниското претседателство, Весели изјави дека таа имала процедурален карактер во функција на конституирање на новиот Парламент.

– Беше процедурална седница, на која се одредија рамките за одржување на конститутивната седница. Верувам дека на 26 декември ќе имаме нов законодавен дом односно нова епоха во косовската политика, со позиција и опозиција. Се надевам дека многу наскоро ќе се конституираат и новите институции, изјави Весели.

Тој додаде дека со денешната седница му престана мандатот како собраниски спикер, а партијата која тој ја води, Демократската партија на Косово (ПДК), во новото Собрание ќе дејствува како опозиција.

Конститутивната седница на новиот, седми по ред собраниски состав на Косово, за 26 декември ја свика претседателот на државата Хашим Тачи, откако на 27 ноември Централаната изборна комисија ги објави конечните резултати од гласањето на изборите одржани на 6 октомври.

Победник на вонредните парламентарни избори е Движењето Самоопределување (ВВ) на Албин Курти со 26,27 отсто, втор е Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) со 24,54 отсто, а трета ПДК на Весели со 21,23 отосто освоени гласови.

Веднаш по објавувањето на првичните резултати, двете досега опозициски партии, ВВ и ЛДК, ги започнаа преговорите за формирање заедничка влада, која ќе ја води Курти и се очекува да постигнат договор пред конститутивната седница на Собранието.

Треба да знаете
Последни објави