Ќерката на ујгурскиот академик Илхам Тохти, Јевхер ја прими наградата Сахаров за слобода на мислата 2019 во име на нејзиниот татко затворен во Кина, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Илхам Тохти, кој е жесток бранител на правата на ујгурското муслиманско малцинство во Кина, осуден е на доживотен затвор во 2014 година за сепаратизам.
– Илхам Тохти, благодарение на својата работа, успеа да им даде глас на Ујгурите. Тој работеше 20 години за да промовира дијалог и меѓусебно разбирање меѓу неговата заедница и другите Кинези. Денес треба да биде момент на радост и славење на слободата на изразување, но за жал, тоа е тажен ден. Повторно, оваа столица е празна, затоа што во светот во кој живееме, остварувањето на нашата слобода на мислата не значи секогаш да бидеме слободни, изјави претседателот на Европски парламент, Давид Сасоли.
Јевхр Илам, примајќи ја наградата во име на нејзиниот татко, во присуство на другите финалисти, истакна:
– Чест ми е да ја примам наградата Сахаров денеска во ЕП во негово име. Благодарна сум за можноста да ја раскажам неговата приказна, затоа што тој не може сам да ја раскаже. Да бидам искрена со вас, не знам каде е татко ми. Моето семејство последен пат доби вести од него во 2017 година. Денес не постои слобода за Ујгурите во Кина, ниту на училиште, ниту во јавноста, дури ниту и дома. Татко ми, како и повеќето Ујгури, е наречен насилен екстремист и се смета за болен човек, кој треба да се лекува и чие мислење мора да се смени, посочи Илхам.
Таа додаде дека „под лажна етикета на екстремизам кинеската владата затвори еден милион (најверојатно веројатно повеќе) луѓе во „концентрационите логори” во кои Ујгурите се принудени да ја напуштат својата религија, нивниот јазик и нивната култура и во кои луѓето ги мачат, а некои се веќе починати.
Од април 2017 година, повеќе од еден милион Ујгури се сместени во логори. Тие се принудени да се откажат од својот етнички идентитет и верските верувања и да се заколнат на лојалност кон кинеската Влада.
Јевхер Илам побара конкретна акција и поддршка за борбата на нејзиниот татко.
Претседателот на ЕП, Сасоли повика на итно и безусловно ослободување на Илхам Тохти и ослободување на „многу други лауреати на наградата Сахаров, кои моментално се наоѓаат во затвор и се прогонувани заради одбрана на човековите права и основни слободи.
Годинашни финалисти за наградата беа неколку бразилски бранители на човековите права и група кениски студенти.
Наградата Сахаров за слобода на мислата се доделува секоја година од 1988 година од страна на ЕП со цел да им се почит на групи и личности, кои се стремат да ги бранат човековите права и основните слободи.