Лондонски „Телеграф“, повикувајќи се на записници од испрашувања на израелската полиција, објави дека Хамас, означена како терористичка група од Израел, САД, Велика Британија и од ЕУ, го користи Истанбул како база за заговор за напади против еврејската држава, пренесува „Спутник“.
Во извештајот се тврди дека турската влада и, пред се, претседателот Реџеп Таип Ердоган, ѝ понудиле на организацијата безбедно засолниште во Истанбул и замижување пред нејзините активности бидејќи Хамас, наводно, го користи најголемиот град во Турција за организирање на операции во Ерусалим и на Западниот Брег.
Во статијата, исто така, се тврди дека претходно напуштениот заговор за атентат врз градоначалникот на Ерусалим е најверојатно испланиран во Истанбул.
„Израел е крајно загрижен што Турција им дозволува на терористите на Хамас да оперираат од нејзината територија во планирањето и вмешаноста во терористички напади против израелските цивили“, вели израелскиот министер за надворешни работи.
Турски дипломатски извор, наводно, ги негирал обвиненијата дека Хамас го користи Истанбул за планирање напади против Израел, и тврди дека групата не е терористичка организација туку легитимна палестинска политичка партија. И Хамас наводно ги негирал обвинувањата.
Минатата недела лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, се состана со Ердоган за време на неговата посета на Турција, негово прво патување во странство во последните три години. Според новинската агенција „Анадолија“, средбата била затворена за новинарите. Ханије, исто така, се сретнал со Салех Арури, заменик-лидерот на Хамас и основач на военото крило на оваа организација, кој е на листата барани лица на владата на САД, и со неколку други високи претставници на Хамас.
Во извештајот на „Телеграф“ се тврди дека десетина оперативци на Хамас се преселиле во Истанбул од Појасот Газа минатата година, што сериозно ги заостри дипломатските односи меѓу Турција и Израел.
Турција беше првата муслиманска земја што го призна Израел во 1949 година, но Ердоган постојано изразува поддршка за палестинската заедница и за нејзините права во Ерусалим, истовремено дефинирајќи го Хамас како политичка партија.
„Турција ќе продолжи да стои зад угнетените луѓе на Палестина, како што тоа го правеше секогаш“, рече Ердоган пред Генералното собрание на ОН во септември.
Тензиите меѓу Израел и палестинската група ескалираа неодамна откако Израел го уби постариот командант на групата Исламски џихад, Баха Абу ал Ата, во Појасот Газа. Ова беше проследено со повеќекратна размена на оган меѓу двете страни во текот на ноември.