Поради проблемот со загадувањето, општина Битола издаде препораки до граѓаните да се
да се користи јавниот превоз, возилата да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат во едно возило во исто време, да не се користи прегорено отпадно масло за затоплување простории, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ-амбалажа, парчиња гума или кој било друг синтетички материјал и правилно да се користат печките на дрва.
„Согласно Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели во кој е дефиниран прагот на информирање за суспендирани честички со големина од десет микрометри (PM10) надминување на вредноста од 100µg/m3 во текот на два последователни денови и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, ве информираме дека истиот е надминат во мерната станица Битола 2:
на 16.12.2019 – 171.82 ( µg/m3) и на 17.12.2019 – 202.98 ( µg/m3).
Апелираме граѓаните да ги применат и поддржат препораките на Министерството за животна средина и просторно планирање донесени во координација со Интерсекторската работна група за воздух, во која членуваат и претставниците на Секторот здравство, во случај на надминување на прагот на информирање за PM10“, се вели во соопштението.
Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје препорачува да се ограничи движењето и активностите на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хронични болести на белодробниот и срцево-садовен систем, со посебен ризик за болните од белодробна астма), но и за лицата кои својот професионален ангажман го извршуваат на отворен простор во загадените зони на градот.
Покрај ова, се препорачува земање витамини (антиоксиданси), главно преку исхраната (свеж сезонски зеленчук и овошје), по потреба и додатоци, односно суплементи. Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапиија од матичните лекари и да се придржуваат до препорачаниот диететски режим со намален внес на масна и солена храна.