Заменикот министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, денеска во Стразбур имаше обраќање на 17-тиот мешовит парламентарен комитет, Република Северна Македонија – ЕУ. Ова парламентарно тело секогаш било силен подржувач на евроинтегративните процеси на Република Северна Македонија и придонесувало во развојот на соработката меѓу Собранието и Европскиот парламент.
Заблагодарувајќи им се на членовите на Комитет, ЗМНР Жерновски истакна дека сме горди на постигнатото и перспективите кои ги отворивме за Република Северна Македонија. Свесни сме дека пред нас претстои уште многу работа, но досегашниот успех е гаранција дека ќе успееме во исполнување на нашите стратешки определби.
Во своето обраќање пред претставниците на Европскиот парламент, пратениците на Собранието на Република Северна Македонија и другите претставници на европските институции, ЗМНР Жерновски истакна дека во изминатата година Република Северна Македонија успеа да направи видлив напредок во исполнување на стратешките цели, односно членство во НАТО и во ЕУ.
„Очекуваме валоризација на постигнатото. Ние сме повеќе од подготвени за преговори за членство во Европската унија. Дебатата за нова методологија за процесот на проширување ја прифаќаме со отворен ум, ние поддржуваме поголема контрола и надзор во спроведувањето на реформите. Меѓутоа, тој процес може и мора да се одвива паралелно со отварањето на преговорите” , истакна заменик министерот Жерновски.
Во рамки на посетата на Европскиот парламент во Стразбур, Жерновски оствари повеќе средби со европратеници од сите политички групи: Илхан Кјучук ( ОЕ, Бугарија), кој е известител за нашата земја во Европскиот парламент, со Тонино Пицула (СД, Хрватска), со Ирена Јовева (ОЕ, Словенија), Стелиос Коулоглу (Европска обединета левица, Грција) и со Желјана Зовко (ЕПП, Хрватска).
Во Препораките кои европратениците, заедно со пратениците од Собранието на Република Северна Македонија, ќе ги усвојат утре, се нотира значителниот напредок на државата во однос на реформскиот процес. Со жалење се констатира неможноста на земјите членки да донесат едногласна одлука за започнување на преговори со Република Северна Македонија и ги повикува да покажат одговорност кон нашата земја со донесување на позитивна одлука не подоцна од март наредната година.