И адвокатот Даути во „ТНТ“ се жали на поротничките пред пензија, како Димовски во „Талир“

Адвокатот Мерџан Даути, бранител на Елизабета Најдовска во предметот „ТНТ” на денешното рочиште побара на албански јазик од судот советот да ги земе предвид неговите три барања, меѓу кои едно од нив се однесува за истекот на мандатот на две од поротничките кои наполниле 60 години, истото барање кое го изнесе и обвинетиот Илија Димовски во предметот „Талир”, пишува „А1Он“

Даути, кој денеска пак побара превод на албански, на 19 ноември беше пријавен во адвокатската комора од судијата Огнен Ставрев под сомневање дека сака да го одолговлечи судењето со тоа што бара да му се преведат сите списи од двегодишното судење и да ја злоупотреби службената положба како адвокат. Судијата Ставрев не му ги прифати барањата.

Тој и денеска побара превод и укажа на возраста на поротничките, кои според Законот за судови не треба да бидат дел од судечкиот совет поради истек на мандатот, а за што го известил и претседателот на судот, Иван Џолев, и Судскиот совет.

„За работа сум тука. Ова е преседан. Јас многу добро знам дека кога завршува истражната постапка, одбраната има можност за увид. Додека имаме тука сведок лице и вештак, неопходно е да се задолжи сведокот да ги достави сите мислења и документи. Овој вешт наод е празен. Ова е само мислење…”, говореше потоа Даути на македонски јазик.

Обвинетата Најдовска на 6 ноември му го откажа полномоштвото на адвокатот Димитар Дангов и го замени со Даути.

Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на тогашниот политички противник Фијат Цаноски. СЈО тврди дека со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а дополнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари. Цаноски и фирмата ФИМЕТ најавија дека ќе барааат отштета.

Обвинети се експремиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, ексградоначалникот Тони Трајковски, како и Елизабета Најдовска, Насер Алев, Марика Зафировска и Александра Димитриева. Предметот е во доказна постапка и преостанаа уште двајца сведоци и сослушување на обвинетите.

Треба да знаете
Последни објави