Претставничкиот дом на САД денеска се очекува да изгласа импичмент на американскиот претседател Доналд Трамп за наводна злоупотреба на власта и опструкција на Конгресот. Одлуката се очекува да биде донесена од демократите по партиска линија.
Другата страна, републиканците, остро се спротивставуваат и ја отфрлаат процедурата за отповикување на шефот на државата.
Јавноста е исто така поделена по ова прашање. Од најновата анкета на Си-Ен-Ен се дознава дека 45 отсто од испитаниците се за импичмент на Трамп, додека 47 отсто се против.
Долниот дом веќе заседаваше денеска со прва сесија која заврши со гласање за почитување на процедурата одобрена вчера. Главната дебата за предметите по кои демократите го обвинуваат Трамп започна и се очекува да трае најмалку шест часа. Потоа ќе има две одделни гласања по секој предмет од обвинението.
Обвиненијата се засновани на разоворот на Трамп со украинскиот претседател Володомир Зеленски на 26 јули годинава во кој тој побарал спроведувања истрага за негов политички ривал, а потоа наводно ја попречувал работата на Конгресот во истрагата за овој случај. Демократите сметаат дека Трамп со ова извршил повеќе злоупотреби, најважната од кои е „привлекување странски сили како Русија и Украина да се вмешаат во изборите на САД”, кои се надоврзуваат пред и по клучниот телефонски повик.
Според нив, овие злоупотреби се косат со американскиот Устав и ги негираат идеалите на основоположниците на САД.
Трамп ќе биде трет претседател во американската историја отповикан од Претставничкиот дом. Нему потоа ќе му се суди во Сенатот, контролиран од републиканците, каде може да се случи тој да биде осуден за наводните злоупотреби и отстранет од функција.
Иако шансите за тоа се мали, републиканските законодавци се обединети во отфрлање на обвинувањата и одбрана на Трамп, со што тој ќе го зачува мандатот, барем до следните избори закажани за ноември 2020 година.
Кога започна заседанието изутринава, републиканците се обидоа да свикаат гласање по брза постапка и да се заобиколи дебатата со образложение дека целата процедура со импичментот е „шарада”, и оти не постојат цврсти докази за злоупотреба, како што е посочено во Устваот, за да се отповика претседателот.
Предлогот за тоа беше одбиен со надгласување од демократите.
Приближно во истото време кога треба да се случи главното гласање, Трамп треба да биде на предизборен митинг во Мичиген.
Во пресрет на гласањето синоќа, во низа соопштенија на Твитер тој изјави дека не направил нешто што заслужува прекор, и ја искритикува истрагата за него.
– Можете ли да верувате дека денеска ќе бидам во импичмент од радикалната левица, од демократите безделници – не направив ништо лошо, негодуваше Трамп, порачувајќи да се прочитаат транскриптите од повикот. -Ова никогаш не треба да се случи со ниту еден претседател… Не сум загрижен, напиша тој.
Трамп синоќа испрати писмо до спикерот на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, во кое се вели дека имено демократите, а не тој, ги извршиле делата посочени во предметите за импичмент.
Меѓудругото, за претседателот процесот е „недејствителен”, „злонамерен”, „неважечки”, „неоснован”, „лицемерен” и „апсурден”. Процесот против него уште еднаш го спореди со „лов на вештерки”.
– Ловот се претвори во судење. На оние обвинети во судењето на вештерките во Салем, (Пенсилванија, 17. век) им било дадено повеќе време за одбрана, напиша Трамп во писмото.
Многумина експерти и демократи писмото го оценија како „шокантно”, „напишано од нестабилна личност” и „злобно”.
Пелоси за писмото одговори дека е „нездраво”.