– Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа изјави дека Генералниот совет (ГС) на партијата побара во договорот за коалициска влада со Движењето Самоопределување (ВВ) да биде опфатена поделбата на сите државни функции, вклучително и за претседателот на државата, јави дописникот на МИА од Приштина.
„Планот Б” на ЛДК, доколку не се постигне договор за заедничка влада со Партијата на Албин Курти, рече Мустафа, е заминувањето во опозиција.
– Самоопределување не праша дали имаме план Б. Ние им рековме дека нашиот план Б е да одиме во опозиција. Доколку не формираме коалиција нема да правиме никаков договор со други партии. Бидете сигурни дека нема други планови, изјави Мустафа пред новинарите по седницата на ГС на ЛДК што се одржа попладнево во седиштето на партијата.
Тој нагласи дека барањето на највисокиот партиски орган за договор уште во оваа фаза за сите позиции во државата е со цел коалицијата да функционира во наредниот четиригодишен мандат и да нема дилеми кога ќе дојде време, во април 2021 година, да се избира новиот шеф на државата.
– Ние одржавме седница на ГС на која ги информирав членовите, новоизбраните пратеници и градоначалниците со текот на досегашните преговори со ВВ за можната владина коалиција. Можам да кажам дека ЛДК останува посветен на продолжувањето на напорите за да се дојде до коалиција за заедничко владеење со Самоопределување, изјави Мустафа.
Тој порача дека таа коалиција „не треба да се гледа како коалиција на политички ривали, туку како коалиција на партнерство посветено на промени за подобро водење на земјата”.
– Советот изрази убедување дека ЛДК треба да се вреднува според поддршката што ја доби од граѓаните на 6 октомври, било во поделбата на одговорностите со ВВ, или пак во владината програма која е веќе хармонизирана, рече Мустафа.
Лидерот на ЛДК најави дека неговата партија ќе продолжи да одговара на поканите од ВВ за идни состаноци и изрази уверување дека „доколку постои политичка волја и верба, договорот ќе биде постигнат”.
Двете досега опозициски партии ги започнаа преговорите за формирање на новата влада веднаш по изборите на 6 октомври, на кои победи ВВ со 26,27 отсто, а второпласиран беше ЛДК со 24,54 отсто освоени гласови.
До застој во преговорите меѓу двете партии дојде откако ЛДК истапи со барање да ја преземе функцијата претседател на државата, откако во април 2021 година ќе му заврши мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи.
Конститутивната седница на новото, седмо по ред, Собрание на Косово по војната во 1998-99 година, е закажана за идниот четврток, 26 декември, со почеток во 15 часот.