Јужна Кореја и САД денеска не постигнаа договор околу придонесот на Сеул за ангажирање на 28.500 американски војници, а постоечкиот договор истекува на 31 декември.
Јужнокорејските пратеници тврдат дека Вашингтон бара до пет милијарди долари годишно, што е петпати повеќе од сумата која Сеул се согласи да ја плати оваа година.
Меѓутоа, американскиот преговарач Џејмс Дехарт изјави дека пет милијарди долари не е сума на која САД се фокусираат во преговорите.
– Цифрата која ќе ја договориме ќе биде поинаква од првичниот предлог и од она што сега го слушаме од корејска страна, истакна Дехарт.
Американскиот претседател Доналд Трамп повеќе пати ја обвинувал Јужна Кореја дека е богата држава која профитира од американската војска, што е стационирана во таа земја по Корејската војна, кон средината на минатиот век.
Двете држави и минатата година имаа ист исход од разговорите, но во новата година постигнаа ретроактивен договор.
Следната рунда разговори ќе биде во САД идниот месец.