Во седиштето на Европскиот парламент во Стразбур попладнево започнува дводневното заседание 17-от по ред Мешовит парламентарен комитет Република Северна Македонија – ЕУ, со кој заеднички ќе претседаваат пратеничката Соња Мираковска и европратеникот Андреас Шиедер.
Како што јави дописникот на МИА од Стразбур, ова е прво заседание на Мешовит комитет со новоизбраниот состав на делегацијата на Европскиот парламент и најверојатно последно за актуелната македонска собраниска делегација пред претстојните парламентарни избори.
На состанокот ќе бидат разменети мислења за односите меѓу земјава и ЕУ, а меѓу темите за дебата на Мешовитиот комитет се владеењето на правото, судските реформи, борбата против организираниот криминал и корупцијата, како и изборниот систем и предложените реформи во таа сфера.
Пред парламентарците од двете делегации ќе се обратат заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, првиот човек на Одделот во Директоратот за европска соседска политика и преговори за проширување Дејвид Кулен, шефицата на Одделот за Западен Балкан при Европската служба за надворешни работи Елза Фенет и постојаниот известувач на Европарламентот за земјава Илхан Ќучук.
Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Мешовитиот парламентарен комитет, покрај претседателката Соња Мираковска, ја сочинуваат и пратениците Бетиане Китев, Жаклина Лазаревска, Никола Попоски, Шпреса Хадри, Ивана Туфегџиќ, Иван Стоиљковиќ и Мерал Узеири Ферати.
На крајот на состанокот утре се очекува да бидат усвоени Завршни препораки, кои ќе бидат упатени до институциите на земјава и на Европската унија.