Цементарница УСЈЕ АД Скопје ги повикува невладините организации и сите заинтересирани граѓани денеска во 12:00 часот да ја посетат компанијата, со цел да им покаже дека работи по највисоките домашни и ЕУ-стандарди и дека се грижи за заштита на животната средина.
– Во последно време сѐ повеќе е актуелна темата за употреба на алтернативните горива добиени од фракции од отпад и импликациите врз животната средина. Во услови на разбирливо голем интерес кај граѓаните за севкупната состојба со животната средина, за жал, во јавноста се појавија шпекулации и неточни информации во врска со оваа тема и нашата компанија, се наведува во соопштението на УСЈЕ.
Разбирајќи ја загриженоста на граѓаните, компанијата ги повика заинтересираните да ја посетат за на самото место да им ги стави на располагање фактите за нејзиното работење по највисоките домашни и ЕУ-стандарди и за грижата за животната средина во која, како што се истакнува во соопштението, УСЈЕ континуирано и посветено инвестира, како еден од столбовите во сите сфери од нејзиното деловно работење.
– Истовремено, за нас ќе биде исклучително драгоцено директно да ги чуеме ставовите на невладините и граѓански организации и да имаме можност на нив аргументирано да одговориме, се додава во соопштението на Цементарница УСЈЕ.