Фудбалскиот клуб „Каменица Саса” започнува со нова инклузивна програма насловена „Фудбал за сите” Како што информираат од клубот, целта на програмата е инклузија на лица со телесен хендикеп во фудбалската игра.
– „Сите сме исти” и „Исто се радуваме на убавиот гол и фудбалски потег” се постулати на програмата која на почетокот треба на лицата со попреченост и телесен хендикеп да им обезбеди постојани тренинзи. Предвидени се и натпревари со други екипи на лица со попреченост и телесен хендикеп, за што како ФК Каменица Саса веќе имаат упатено и покани, информираат од каменичкиот второлигаш.
Активностите од оваа програма, како што додаваат од клубот опфаќаат и натпреварувачки дел.
– ФК Каменица Саса како дел од овој проект или кампања ќе иницира и формирање на Лига за натпреварување помеѓу инклузивни клубови во државата. Се надеваме на голема поддршка за реализација на оваа иницијатива која согласно интересот ќе биде проширена и со нови содржини, дополнија од ФК ,,Каменица Саса”.
Пред само неколку денови второлигашот од М.Каменица ја спроведе и првата еко акција во рамки на кампањата ,,Дај гол, засади дрво” во која учествуваа младинските и детските лиги на клубот. Во рамки на акцијата која беше потпомогната од општина Македонска Каменица, Рудник САСА и спроведена со логистичка поддршка од Јавното претпријатие „Камена Река” и ЈП „Национални Шуми” беа засадени 197 садници според бројот на постигнати голови на клубот во сите натпревари од есенскиот дел од првенството.