Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен предупреди денеска дека Брегзит без договор повеќе ќе и наштети на Велика Британија отколку на ЕУ.
Таа на почетокот на дебатата во Европскиот парламент укажа на опасност од времето кое истекува за преговори, создадена поради најавите на британскиот премиер Борис Џонсон да донесе закон со кој ќе се блокира продолжувањето на преодниот период.
– Во случај да не успееме да постигнеме договор до крајот на 2020 година повторно ќе се најдеме во непријатна ситуација и тоа може да биде штетно за нашите интереси. Меѓутоа, тоа повеќе ќе влијае врз Велика Британија, бидејќи ЕУ ќе продолжи да ги користи поволностите на својот единствен пазар и договорите со нашите партнери, нагласи Фон дер Лајен.
Велика Британија треба да ја напушти ЕУ на 31 јануари 2020 година и тогаш ќе почне т.н. преоден период кој ќе важи до крајот на следната година.
За да продолжи тој период, Британија треба да поднесе ново барање до јули следната година, меѓутоа Џонсон најави дека планира со закон да ја блокира можноста за продолжување на тој период.