Стопанска банка а.д. Битола преку соопштение на Македонска берза ја известува јавноста за измени во органите на управување на Банката.
„Врз основа на Одлука од Надзорен одбор бр. 02-16522/1/II-13 од 25.9.2019 година и Решение за издавање претходна согласност од Народна банка на Република Северна Македонија бр. 15-32218/13 од 13.12.2019 година, за член и претседател на Управен одбор на Стопанска банка а.д. Битола повторно е назначен д-р Владимир Ефтимоски”, се вели во соопштението.
Досегашниот претседател на Управниот одбор на Стопанска банка а.д. Битола, Владимир Ефтимоски повторно ја доби довербата на акционерите и ќе остане на чело на банката и во наредните 5 години.
На оваа позиција е од 2013 година односно веќе негова седма година како претседател на Управниот одбор на Стопанска банка а.д. Битола. Тој има долгогодишно искуство во банкарскиот сектор во земјава.
Во текот на неговиот мандат како прв човек на Стопанска банка а.д. Битола, Владимир Ефтимоски со успех раководеше со битолската банка, а доказ за тоа се признанијата кои му беа доделени од реномирани финансиски институции и списанија.
Од финансиското списание „Global Banking Finance“, Ефтимоски беше избран за најдобар главен извршен директор во банкарскиот сектор во Македонија. Во 2016 година, списанието „Global banking and Finance Review“ го прогласи Ефтимоски за најдобар главен извршен менаџер во банкарскиот сектор. Истата година, од страна на списанието „The Business Worldwide“, тој бил избран за најдобар главен извршен менаџер во банкарскиот сектор на Македонија, како и за најиновативен извршен директор во Македонија.