Во текот на денешниот ден, генералниот директор на ЈП Водовод и Канализација – Скопје г-дин Душко Весковски и градоначалникот на општина Кисела Вода, г-дин Филип Темелковски, извршија увид на работните активности за водоводна мрежа по дел од ул.„Малешевска“. Ова е проект чиј инвеститор е ЈП Водовод и Канализација, а инвестицијата изнесува околу 12.000.000,00 ден.
Имено, ЈП Водовод и канализација – Скопје во соработка со Општина Кисела Вода, пристапи кон изработка на проектно-техничка документација за водоводната мрежа по дел од ул.„Малешевска“ и реализацијата на истата како резултат на потребата за реконструкција на постоечката водоводна мрежа која досега поминувала низ приватни имоти односно дворовите на објектите долж оваа делница од ул.„Малешевска“, и која се карактеризира со несоодветен профил и материјал на цевки.
Реализацијата на овој основен проект ќе создаде услови за приклучување или поврзување на постоечките објекти на оваа нова линија, па затоа во проектот се предвидени и околу 80 огрлици, со што нашите постоечки корисници ќе добијат нова приклучна инсталација.
За изведбата на проектот употребени се полиетиленски цевки PE 100 – RC SDR17, DN 110mm со должина од 1062,26 m.