Одобрени се нови договори на ЦЕФТА што ја олеснуваат регионалната трговијата

Нови договори меѓу седумте земји членки на ЦЕФТА се одобрени и усвоени денеска од Заедничкиот комитет на годишниот состанок во Тирана, со што се очекува натамошна либерализација во трговијата, во услугите и во мобилноста, се наведува во официјалното соопштение.

Меѓу договорите, еден од позначајните е и Дополнителниот протокол 6 за трговија со услуги, со цел да се отворат сите седум пазари за трговија со услуги, што им дава на компаниите кои тргуваат со услуги чувство на предвидливост и транспарентност кога работат на други пазари.

Toa ќе создаде можности за натамошна економска интеграција меѓу седумте земји на ЦЕФТА, ќе овозможи заемно признавање на специфични лиценци, професионални квалификации и ќе ја олесни е-трговијата. Поточно, ова треба да значи дека штом се добие лиценца на еден од пазарите, таа ќе важи во сите седум.

Со тоа се создава правна основа за идно меѓусебно признавање на професионалните квалификации за сите регулирани професии (потребни се само сертификати за образование). Во суштина, откако ова ќе се спроведе, не треба да има бариера за еден инженер од Прилеп во Северна Македонија, на пример, без никакви пречки да може да добие работа во Мостар во Босна и Херцеговина. Дека еден лекар од Кишињев во Молдавија може да најде вработување во Тирана, Албанија, итн. Спроведувањето на овој конкретен дополнителен протокол се очекува да започне веднаш штом ќе го ратификуваат парламентите на сите седум земји членки на ЦЕФТА.

Беше усвоен и Договорот за утврдување на постапката за валидација за заемно признавање на националните програми на овластени економски оператори на ЦЕФТА во однос на сигурноста и безбедноста (АЕОС), што е исклучително комплексен назив што во суштина носи многу полесна царинска постапка меѓу пазарите на ЦЕФТА .

Накратко, „овластените економски оператори” или, со други зборови, компаниите и организациите кои се овластени за царинење, во иднина штом ќе бидат признати од една и од сите страни на ЦЕФТА. Тоа значи дека откако ќе се изготви царинската документација од еден оператор, таа нема да мора да помине исти постапки на секоја од царинска точка во рамките на седумте земји на ЦЕФТА. Ова не само што ќе ги олесни граничните процедури, туку ќе помогне и во градењето на довербата меѓу страните што секоја од нив ги следи и ги почитува истите постапки. Спроведувањето на овој договор треба да започне од април 2020 година.

Усвоена е и „Стратегијата за управувањето со царинскиот ризик ЦЕФТА 2020-2024″, која треба да понуди алатки за зголемување на довербата меѓу земјите, зголемување на ефикасноста на царинските процедури и намалување на потребното време за царинење, со што би дошло до поевтинување на производите.

Дополнително, ЕУ одобри грант од 10 милиони евра како помош за спроведување на договорите, за што беше потпишан договор со Секретаријатот на ЦЕФТА на денешниот состанок во Тирана.

Еднодневната конференција под име „Претворање на предизвиците во можности”, беше отворена претпладне во Тирана од страна на албанската министерка за финансии и економија Анила Денај, а обраќање имаше и директорката за Западен Балкан при Канцеларијата за доборососедство и проширување на Европската комисија, Ѓеновева Руиз Калавера. Учествуваа претставници од седумте земји на различно ниво, како и претставници од Стопанските комори.

ЦЕФТА е централноевропски договор за слободна трговија, кон кој во моментов припаѓаат Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Црна Гора, Косово, Србија и Северна Македонија.

Треба да знаете
Последни објави