Пендаровски: Граѓанското помирување нема да се случи самото по себе, без конкретни платформи за дијалог

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска се обраќа во Собранието на Република Северна Македонија.

На почетокот, Претседателот потсети на неговото прво обраќање во Парламентот кога јавно се обврза на одговорно однесување, како што доликува на Претседател избран на директни и општи избори, со гласовите од сите етнички заедници. Тоа, како што рече, подразбира да биде достапен и еднакво близок до граѓаните, независно дали го гласале или не, и еднакво далеку од тесно-партиските интереси на политичките субјекти.

„Граѓаните ќе ценат колку во првите седум месеци од мојот мандат успеав да останам неутрален во однос на различните центри на политичка и економска моќ, меѓутоа, мојата главна политичка цел беше и останува, да бидам независен, да бидам претседател на сите, а не партиски послушник или апологет на некој транзициски олигарх. Во таа смисла, пред мене, но, и пред сите нас, стои огромна работа, бидејќи поделбите меѓу граѓаните се подлабоки од кога било. Ако порано и денес тоа одеше и оди по линија на етничката припадност, во последната деценија поделбите и меѓу Македонците драматично се продлабочија”, рече претседателот Пендаровски.

https://youtu.be/d0_piG0IyT8?t=191

Граѓанското помирување, посочи Претседателот, нема да се случи самото по себе, ако никој не понуди конкретни платформи за дијалог меѓу засегнатите страни. Потсети на вчерашната средба со лидерите на најголемите верски заедници, на којашто ги замолил, секој во рамките на своите надлежности да делува во насока на продуктивна коегзистенција меѓу верниците и меѓусебно почитување во едно мултирелигиско и мултикултурно општество какво што е нашето.

„Средбата на лидерите на парламентарните партии која ја одржавме веднаш по неповолниот исход на последниот европски самит и која беше прва од таков вид без посредување од меѓународната заедница покажа дека поседуваме доволен домашен потенцијал во битни историски моменти да се обединиме за битни прашања. Впрочем, наспроти сите политички разлики меѓу власта и опозицијата, кога беше најважно, со широк консензус беа донесени неколку круцијални двотретински закони во сферата на судството, антикорупциското законодавство и реформата на безбедносниот систем”, рече претседателот Пендаровски, на почетокот на своето обраќање во Собранието на Република Северна Македонија.

Треба да знаете
Последни објави