Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, се обрати во Собранието на Република Северна Македонија. Претседателот посочи дека старите поделби по етничка и партиска линија не се надминати, а на дневна основа има и новите поделби.
„Се додека се делиме по различни основи и ги дискриминираме поинаквите од нас, не можеме да зборуваме за напредок и да се дефинираме како прогресивно општество. При тоа, ниту една промена на подобро не се случила затоа што јавноста или средината биле подготвени за тоа, туку, затоа што некој активно работел за тие промени да се случат. Против предрасудите и стереотипите треба да се бориме сите, но, да не се лажеме, одговорноста да се биде во првите редови на таа борба лежи, пред се, врз нас, избраните политичари”, подвлече Претседателот, потенцирајќи дека од првите денови од мандатот се обидува да даде конкретен придонес во таа насока.
Претседателот Пендаровски, нагласи дека негова главна цел била и останува, да биде независен, да биде претседател на сите, а не партиски послушник или апологет на некој транзициски олигарх. Пред него, рече, и пред сите стои огромна работа бидејќи поделбите меѓу граѓаните на кои некои работеа со години, се се уште длабоки.
Во тој контекст, рече Претседателот, до крајот на годината, за прв пат во Кабинетот на еден Претседател, ќе бидат организирани серија средби на навивачките групи во кои се активни млади со различна етничка припадност, и на кои, ќе бидат присутни и неколку учесници и сведоци од конфликтот во 2001-та, кои, тогаш, биле на различни страни. Целта на Претседателот е на овие млади луѓе, преку директни примери да им се покаже цената на насилството и вредноста на дијалогот и дебатите и за најтешките прашања со кои сме соочени во нашата заедничка земја.
Претседателот Пендаровски во своето обраќање, меѓу другото, се осврна и на Законот за јазиците, особено, по мислењето на Венецијанската комисија кое, за жал, рече, според старите и лоши навики е прочитано исклучиво преку политичка и етничка диоптрија. Тој потсети дека пред две години, како пратеник, во Комисијата за европски прашања аргументирал дека ниту една држава не се распаднала затоа што на своите граѓани им дала премногу права во областа на јазикот. Законот за јазици сигурно нема потенцијал да ја дестабилизира земјата, меѓутоа, ако велиме дека законите ги носиме заради граѓаните, чесно е да ги направиме сите неопходни корекции за тие навистина да заживеат.
Како врв на лошите состојби во правосудниот систем, претседателот Пендаровски ја посочи тн. афера „Рекет” во која меѓу обвинетите за тешки кривични дела се најде и првата личност на институцијата која беше формирана со една единствена цел – да ги гони криминалците.
„Еден факт не зборува добро за отпорноста на нашиот правосуден систем од надворешни влијанија – безмалку три децении сме независна држава, а, ниту еден висок политичар или преку ноќ збогатен бизнисмен нема завршено зад решетки, а таму требаше да завршат многу повеќе од еден. Општа е перцепцијата кај граѓаните дека само сиромашните, и луѓето на маргини, без релација со некоја власт одговараат дури и за багателни кривични дела. Затоа и не треба да не чуди што голем дел од младите луѓе ги воспитуваат тн. реални шоуа, а нивните идоли не се чесните луѓе – домаќини, со образ и личен интегритет, туку, типови од криминалниот полусвет”, нагласи Претседателот, порачувајќи и на следната власт, веднаш по изборите да спроведе прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но, најпрво, кај политичарите. За секого за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер треба веднаш да следи не оставка, туку кривична постапка.
Претседателот Пендаровски ги нагласи и храбрите политички чекори на актуелната власт, која ги затвори политичките спорови со историска димензија со Бугарија и Грција.
„Тоа можеа да го направат само политичари со визија и, тука, мислам на најодговорните во сите три држави во тие моменти. Вредноста на двата договори е што направивме компромис за да ја отвориме вратата на евроатлантските интеграции како предуслов за нашиот напредок, но, при тоа, не го компромитиравме најбитно за нас – идентитетот кој сега има и меѓународна верификација. Точно е дека во имплементацијата на договорот за добрососедство со Република Бугарија во последниве месеци е видливо забавување во работата на заедничката комисија составена од историчари. Во таа смисла, ние сме апсолутно подготвени да ги соочиме аргументите за одредени историски контроверзи поврзани со различните толкувања на еден ист настан или личност, исто така сме подготвени, за заеднички напори насочени кон деидеологизација на историјата, меѓутоа, правото да се идентификуваме како Македонци кои зборуваат македонски јазик било и ќе биде надвор од било каква дебата, бидејќи тоа се одамна завршени историски процеси”, рече претседателот Пендаровски.
Во контекст на актуелните регионални иницијативи, претседателот Пендаровски истакна дека тие во ниту еден случај не треба да бидат разбрани како замена за европските интеграции, туку само како инструмент за наше побрзо интегрирање во Европа.
Во своето обраќање, претседателот посочи и на сериозната опасност за нашата сегашност и иднина, а тоа е загадувањето на животната средина. Предложи тоа прашање да се извади од дневната политика и да се донесе натпартиска државна стратегија за ублажување на негативните ефекти од оваа појава која сериозно ги нарушува потенцијалите на нацијата.
Претседателот ги повика релевантните политички субјекти, да седнат заедно и да донесат натпартиска стратегија, барем за ублажување на последиците од голготата на нашиот народ со иселувањето.
При тоа, не како политичари, туку како обични луѓе, ние мора да се согласиме дека ако макар само еден единствен млад човек ја напушти државата, заради нашите политики, тоа не е трагедија само за неговото семејство, туку, објективно и за сите нас.
Претседателот нагласи дека на пролет е исклучително важно да организираме фер и демократски избори.
„Претстојните парламентарни избори, едноставно, не смеат да бидат под нивото на претседателските и тоа според двете суштински компоненти: прво, демократски амбиент со слободни медиуми и вработени во админстрацијата ослободени од притисоци и второ, политичка реторика и култура која го почитува противникот и ја честита победата на крајот на изборниот ден. Секој од нас има должност и одговорност, не реторички, туку практично, да покаже пред граѓаните дека изборната битка не е борба на живот и смрт. Сите сме биле во кампања и знаеме дека емоциите во тој период се на повисоко ниво, дека зборот понекогаш може да побегне, да не понесе еуфоричната атмосфера, меѓутоа, најважно е да не заборавиме дека по изборите и по завршувањето на мандатот ќе треба повторно да се погледнеме во очи, и затоа треба да го чуваме образот и да останеме луѓе до крај. Сакам да ви ги честитам претстојните празници, а за 2020 година нема да ви посакам среќа на изборите, туку, само здравје и среќа за вас и вашите најблиски. Да сте сите живи и здрави и да ни е вечна нашата заедничка држава, Република Северна Македонија”, рече претседателот Пендаровски, во своето обраќање во Собранието на Република Северна Македонија.