Масовни протести се одржаа вечерва низ Полска против новиот закон кој планира да го спроведе националистичката владејачка партија Закон и правда, со кој на Владата и се дава овластување да отпушта судии.
Демонстрантите се загрижени дека новиот закон, доколку биде усвоен, ќе доведе до крај на поделбата на моќта и ќе претставува најопасен удар врз темелите на младата демократија, откако десничарската партија е на власт од 2015 година.
Противниците на тој предлог закон предупредуваат дека тоа дополнително ќе придонесе за маргинализирање на Полска во ЕУ, но и до излез на земјата од Унијата.
Демонстрантите, кои се собрале пред зградата на Парламентот во Варшава и судските згради во градовите низ земјата, извикувале „Слобода за судовите”.
Претходно денеска, Канцеларијата за истражувања при полскиот Парламент, која ја анализира легитимноста на предлог законот, предупреди дека новиот закон би можел да ја загрози независноста на судовите и владеењето на законот во ЕУ.
Врховниот суд на Полска оцени вчера дека државата би можела да ја напушти ЕУ поради евентуалното усвојување на законот, со кој се дозволува отпуштање на судиите доколку го доведат во прашање легитимитетот на владините судски реформи.
Во соопштението на Врховниот суд се истакнува дека плановите се спротивни на европските закони и со тоа се зголемуваат веќе постоечките тензии меѓу Брисел и владејачката полска партија Закон и правда.
ЕУ претходно соопшти дека ќе истражи дали предлог законот ја нарушува независноста на судството во Полска.