Согласно собранискиот Деловник, со оглед на тоа што станува збор за предлог-закони што не се со европско знаменце, не може да се ограничи расправата на членовите на Комисијата.
Пратеничката група на ДУИ ги образложува илјадниците поднесени амандмани со забелешката дека процесот за измени на Изборниот законик се води еднонасочно, еднострано и оти менување на правилата на игра пред избори е опасен преседан со кој би се соочила политичката сцена во земјава. Сметаат дека изборните правила на игра мора да се донесат консензуално во согласност со сите политички партии.
И ВМРО-ДПМНЕ е на став дека секој Изборен законик треба да се донесе со што поширок партиски консензус и што подалеку од изборниот момент.
– Не може нов Изборен законик да се носи без согласност на најголемите релевантни политички партии и да се носи еден или два месеца пред избори. Без разлика колку сегашниот или можниот иден изборен модел може да бидат подобри или помалку добри од она што денес го имаме како изборна пракса, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ од друга страна поддржува измени со кои се предвидуваат една изборна единица и отворени листи, и бара од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да ги повлечат амандманите и да се отвори дебата.
Поднесувањето на големиот број амандмани го оценуваат како обид на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за блокирање на процесот. Амандманите на ВМРО-ДПМНЕ, според СДСМ, испраќаат нечесна и недржавничка порака, а оние на владиниот колаициски партнер ДУИ се сериозна причина за размислувања кои социјалдемократите ќе ги отворат.
Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев вели дека со измените најмногу ќе изгубат големите партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, но ќе добијат државата, помалите партии и демократијата..
Според предлагачите за една изборна единица и отворени листи, актуелната поделба на шест изборни единици е пречка за фер изборен натпревар зашто ги фаворизира големите политички партии, на сметка на помалите и на евентуалните независни листи. Помалите партии сметаат дека воведувањето една изборна единица без изборен праг и отворени листи ќе обезбеди политички плурализам и демократизација.