Специјалното јавно обвинителство бара повлекување на амандманот на Буџетот на државата за 2020 година, што го изгласа собраниската Комисијата за финансирање и буџет, а со кој финансиските средства предвидени за СЈО се пренаменуваат за спроведување на предвремените парламентарни избори.
-Со загриженост и неверување ја примивме информацијата дека на седница на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Северна Македонија едногласно е изгласан амандман на Буџетот на државата за 2020 година со кој финансиските средства предвидени за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) се пренаменуваат за друг буџетски корисник, поточно за спроведување на предвремените парламентарни избори, се наведува во соопштението од СЈО објавено на нивната веб страница.
Станува збор, како што стои во соопштението, за флагрантно прекршување на законот, што повлекува и кривична одговорност имајќи предвид дека член 16 став 3 од Законот за ова Јавно обвинителство пропишува дека Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Министерството за финансии и Собранието на Република Северна Македонија не можат да го менуваат финансискиот план од членот 13 став 2 и ќе го вградат во Буџетот на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Ова особено ако се има предвид дека Законот за СЈО е во сила до 15 септември 2020 година, до кога и постои оваа институција.
-Доколку се има предвид дека со амандманот се одземаат сите средства наменети за намирување на тековните обврски на ова Јавно обвинителство, во отсуство на одговорно лице на истото, се поставува прашањето како ќе се сервисираат обврските до истекот на законскиот мандат на оваа институција и каква порака се испраќа до професионалците кои одлучиле да се борат против високата корупција. Во оваа насока апелираме доследно да бидат почитувани законските одредби и предложениот незаконски амандман, кој што задира во автономноста и финансиската независност на ова Јавно обвинителство, да биде повлечен, стои во соопштението од СЈО.