Фридман: „Пред дождот” е филм што ечи низ годините

Познатиот филмски критичар Роџер Еберт за „Пред дождот” напиша „ова е потсетник за благородноста која може да ја постигне еден филм”. И по 25 години „Пред дождот” стои како уметничко достигање и како филм што ечи низ годините, истакна надворешниот соработник на МАНУ, Виктор Фридман, во неговото обраќање на денешното одбележување на 25-годишнината од премиерата на филмот.

Фридман нагласи дека бил многу трогнат кога го гледал филмот, истакнувајќи дека неспорно филмот е ремек-дело, а Манчевски е вистински уметник и автор со светско реноме.

– Кога излезе „Пред дождот” северните соседи на Македонија се бореа и сите се плашеа да не пукне војна во Македонија. Прв пат во нивната историја ОН имаа испратено воена мисија во една земја која не беше во војна, се викаше превентивна акција и беше дел од акцијата на ОН во поренешна Југославија, односно УНПРОФОР. Видов многу интересни работи врзани со функционирањето на најголемата и најбогатата таква организација во светот. Во филмот еден унпрофорски тенк во сцена поминува по булеварот „Крсте Мисирков” покрај Битпазар. Ми објаснија колегите во УНПРОФОР дека на почетокот на мисијата за некои најобични работи отишле со тенк, а не со џип затоа што биле навикнати на воена состојба, изгледа во тоа време Милчо ја снимил сцената, раскажа Фридман.

Лингвистот истакна дека филмот „Пред дождот” ни дава прилика да размислиме што се случило со Скопје и што се уште се случува.

– Има еден момент во филмот, кога ветеринарот кажа „сега Запад сеир гледа”. Кога беше снимен „Пред дождот” Грција имаше воспоставено нелегална блокада на Република Македонија, дури и нелегално ги раскасапи македонските визи во пасошите од други земји. Сепак, дури со сето тоа Македонија не беше кланица, како што беше Босна во тоа време. Но, Европа сеирџија се уште седи на своите раце кога се работи за Македонија, истакна Фридман.

Тој наведе дека сега постојат закани од Грција дека цела македонска дијалектологија која е врзана со егејските дијалекти ќе биде избришана.

– Но, не знаме кој ќе ја земе. Бугарите едвај чекаат такво нешто. Веќе со години бугарски агенти, односно дипломати, шетаат низ Албанија и Гора купувајќи ги Македонците таму со стипендии, за да се декларираат како Бугари. Некои исто така ја уценуваат Албанија дека кога ќе влезе во Европа ќе треба да се предава на бугарски на Македонците таму. Тука треба да истакнеме дека дури и во најцрните денови на режимот на Енвер Хоџа имало школување на македонски јазик, барем до четврто одделение во преспанските села, што е многу повеќе од која била можност од таканаречената демократска Грција, потенцираше лингвистот.

Претседателот во заминување на МАНУ, академик Таки Фити истакна дека во ликот на Манчевски има многу креативност, инвентивност, визија и иновативност.

– Тоа се атрибути, тоа се карактеристики коишто по моето длабоко уверување се многу значајни бидејќи без нив не можете да видите голем творец, не само во доменот на филмската уметност, туку во уметноста пошироко и во научните области, а тоа, според мојот личен впечаток, го има во изобилство кај Милчо Манчевски. Тој влегува во редот на комплексни филмски уметници, заклучи Фити.

Претседателот на МАНУ истакна дека „Пред дождот” му донесе на Манчевски големи меѓународни признанија, светски, со кои тој може да се гордее и сите ние заедно да се гордееме.

– Заради сето тоа Милчо Манечвски е и останува гордост на македонската филмска уметност, на македонската кинематографија, јас сум сигурен дека тој и со новите филмски остварувања ќе добие во иднина бројни награди и меѓународни признанија, потенцираше Фити.

Директорот на Кинотека на РСМ Владимир Ангелов, упати благодарност до Манчевски бидејќи на Кинотека и ги подарил милиметарските копии од своите први четири филмови.

Треба да знаете
Последни објави