Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, денеска ја отворија првата градинка во село Возарци. За простор на градинката е искористен стар напуштен објект којшто е целосно реновиран и прилагоден за потребите на згрижување и воспитание на децата.
“Мене ми е среќен секој ден во којшто отвораме градинка посебно во руралните средини. Секое дете треба да има еднаков старт во животот и затоа инвестираме во раниот детски развој. Како Влада посветено работиме на зголемување на опфатот на деца во предучилишно образование за 50%, за што забрзано се зголемуваат капацитетите во детската заштита. На овој начин преку инвестициите во градинките инвестираме во раниот детски развој, а со тоа и во иднината на нашата држава”, рече Царовска.
За идната година од Буџетот на државата се издвоени 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градини, а изминатите две и пол години беа инвстирани над 180 милиони денари. Обезбедени се и дополнителни 15 милиони евра од Светска банка за изградба на градинки.
Министерката Царовска истакна дека освен што се зголемуваат капацитетите се работи на подобрување на воспитните програми и на јакнење на кадарот којшто се грижи и ги воспитува децата. Само во последната година платите на вработените во градинките се зголемени за 21% што е најголемо покачување до сега.