Триесетдневен куќен притвор вечерва и е определен на актерката Силвија Стојановска отако претходно таа беше спроведена пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд во Скопје.
Дел од медиумите јавија дека Стојановска е приведена во врска со заплена на поголема количина дрога.
Покрај неа, пред судија на претходна постапка беше изведено уште едно лице за кое по барање на Обвинителството му е определен 30-дневен притвор.
– Пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доцна попладнево беа спроведени две лица со предлог на Обвинителството за определување мерки за обезбедување присуство. По ценење на фактите и доказите, судија на претходна постапка го прифати предлогот на Обвинителството и на С.С. и определи мерка „куќен притвор”, а на В.Б. му определи мерка притвор за двајцата во траење од 30 дена, информираат од Кривичниот суд за МИА.
Против ова решение, двајцата имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Неофицијално, Стојановска била уапсена во врска со заплена на 700 килограми кокаин во Шпанија, а била логистичка подршка на В.Б. и неговиот брат, кој живее во Мадрид.