Будимпешта изгубила извозни можности и милијарди долари откако Европската Унија воведе економски санкции кон Русија, вели унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Во интервју за телевизискиот канал РТВи, Сијарто рече дека откако ЕУ вовела санкции, Унгарија изгубила вкупно 8,5 милијарди американски долари.
„Русија беше нашиот втор најголем трговски партнер пред санкциите. Се разбира, изгубивме многу можности за извоз“, додаде Сијарто.
„Унгарија никогаш не ја прекрши европската едногласност за санкциите и нема да го стори тоа ни во иднина. И покрај тоа што секогаш промовираме чесен дијалог, санкциите значително ја комплицираат нашата работа од политичка и економска гледна точка“, рече тој.
ЕУ воведе економски санкции против Русија во 2014 година, обвинувајќи ја Москва за вмешаност во конфликтот во Источна Украина. Русија одговори со возвратни мерки. Во септември ЕУ продолжи за шест месеци индивидуални рестриктивни мерки против 170 руски државјани и 44 правни лица од Русија и од Украина.