Албанскиот Парламент усвои пакет закони за клевета, со кој се предвидени високи казни за онлајн медиумите и дополнителни овластувања за државните надзорни агенции.
Пакетот беше усвоен и покрај протестите на 15 албански новинарски здруженија и невладини организации, кои го повикаа Парламентот да ги отфрли новите закони предложени од владата, истакнувајќи дека тие ќе ја нарушат слободата на изразување и слободата на медиумите и ќе се судрат со меѓународните принципи.
Премиерот Еди Рама рече дека целта на усвојувањето на двата нови закони е борба против лажните вести и дека тие биле целосно во согласност со меѓународните стандарди.
„Наша цел е да поставиме стандарди на начин што ќе ги почитува човековите права“, рече Рама, додавајќи дека владата тесно соработувала со ОБСЕ во подготвувањето на нацрт-законот, пренесува АП.
Харлем Десир, претставник за слобода на медиумите при ОБСЕ, рече дека нацрт-законот сè уште треба да се работи за да се намалат евентуалните казни за објавување наводно лажни вести, со оглед дека казните се до 16.000 евра.
Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, изјави дека пакетот закони за клевета треба итно да се надгради, со оглед дека неколку одредби не се во согласност со меѓународните и европските стандарди за почитување на човековите права и слободи на медиумите.