Шпанските фудбалски гиганти Барселона и Реал Мадрид во традиционалното „Ел класико“, прво сезонава, немаа „муниција“. На „Камп Ноу“ за првпат по 17 години дуелот на лутите ривали заврши без голови (0:0), но затоа пак демонстрантите „стрелаа“ незапирливо во судирите со полицијата пред стадионот. Каталонците кои подолг период протестираат најавија дека ќе направат хаос пред „Ел класико“ . Затоа беа ангажирани рекорден број на полицајци, преку 3.000, кои имаа жестока пресметка со демонстрантите пред стадионот и по околните улици додека се играше дербито, кое беше во неколку наврати одложувано поради безбедносни причини. Запалени контејнери, барикади, каменување со полицијата беа сцените во близина на „Камп Ноу“, по што девет лица се уапсени и повеќе од педесетина повредени.
„Ел класико“ требаше да се игра во рамките од 10 коло на шпанската фудбалска Примера на 26 октомври, но беше одложувано поради безбедносни причини. Во последните две недели поради заканите за безредија неизвесен беше и синоќешниот термин за одигрување на натпреварот.