Денеска градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски заедно со заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули во објектот на ЈДГ „Весели цветови”, „Синоличка” со засадување на бадеми го означија почетокот на активностите за зазеленување на дворната површина.
Во периодот што следува „Синоличка” ќе добие зелена ограда од зимзелени садници, нова тревна површина, а нејзиниот двор ќе го збогатат повеќе елки, зимзелени магнолии, багреми, лешници, дуњи и туји.
Дворот ќе го разубават и разни видови цвеќиња. Со ова хортикултурно уредување, на површина од 2596 м2 ќе бидат засадени вкупно 250 дрва. Додека за одржување на зеленилото ќе биде поставен нов систем за полевање со прскалки.
За успешна реализација на проектот, Одделението за заштита на животната средина при Општина Кисела Вода аплицираше на Јавниот повик на Владата на РСМ за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година.
Во насока на намалување на загадувањето на воздухот Општина Кисела Вода и во иднина ќе ја продолжи досегашната одлична соработка со централната власт.