Првата европска титула на Вардар освоена во 2017 година му донесе планетарна слава на македонскиот тим, која кулминира дури и со формирање на ракометен тим во Мексико со истото име и со истата боја на дресовите.
Ова беше главна вест во македонските медиуми на почетокот од 2018 година, а речиси две години подоцна, мексиканските црвено-црни го откри и Европската ракометна федерација (ЕХФ), која напиша воодушевувачки текст за овој клуб.
„Мексико можеби не е познато по ракометниот спорт, но од септември 2017 година во оваа држава има двојник на скопски Вардар, кој е формиран во градот Монтереј. Станува збор за Вардар МХ, кој исто така е црвено-црн како својот ‘постар брат’, а единствената разлика е што овој клуб не е формиран 1961 година како оргиналот. Првата европска титула на вардарци беше причината поради која Мексиканците се решија на еден ваков чекор“, се вели на почетокот на текстот објавен на интернет-страницата на ЕХФ.
Формирањето на Вардар МХ е своевидна рефлексија на воодушевувањето кои се појавило кај луѓето од Монтереј кога го гледале скопскиот тим како од аутсајдер дојде до кровот на Европа.
„Освојувањето на Лигата на шампионите беше инспирирачка приказна за нас. Бидејќи играа фантастично и беа победници, клубот стана сѐ попопуларен дури и во Мексико, поради што научивме многу работи поврзани со нивните неверојатни навивачи и фантастичната земја Македонија. Победата во годинешното финале исто така беше посебна, а ние бевме горди како самите да сме биле дел од тој фантастичен подвиг“, изјави Хозе Мата-Гомез, еден од основачите на мексиканските црвено-црни.
Повеќе за двојникот на нашиот Вардар во сторијата на ЕХФ ќе може да прочитате на следниот линк.