Европскиот Парламент и Советот на ЕУ постигнаа преоден договор за ревидирање на директивата на ЕУ за квалитетот на водата, ревизија базирана на граѓанска петиција поднесена пред речиси две години.
Целта на оваа нова директива донесена под притисок на европските граѓани е да се подобри квалитетот на водата од чешма, како и пристапот до неа и да се информираат граѓаните потранспарентно за нејзиниот состав.
Европската Комисија, откако ја прифати граѓанската иницијатива позната како „Право на вода” поднесе предлог ревизија во февруари 2018. Еврокомесарот за животна средина, Виргиниус Синкевичиус денеска го поздрави договорот постигнат меѓу двете коодлучувачки тела на ЕУ.
– Граѓаните јасно и гласно ја повикаа Комисијата да предложи иницијатива со којашто ќе обезбеди пристап до безбедна вода за пиење за сите Европејци. Комисијата го слушна повикот и одговори со амбициозен предлог. Денеска, ко-одлучувачите исто така го слушнаа апелот и се договорија да ги модернизираат правилата на ЕУ, да го подобрат квалитетот на водата за пиење врз основа на најновите стандарди и да ја зголемат транспарентноста во овој клучен сектор, изјави комесарот.
Новите правила се засноваат на специфичен пристап кој овозможува дополнителни превентивни мерки за заштита на изворите на водата за пиење.
Друга промена во легислативата е што граѓаните ќе имаат лесен и транспарентен пристап до сите информации за квалитетот и обемот на водата за пиење во нивното место за живеење, со што би требало да се зголеми довербата во водата од чешма.
Текстот на директивата се базира врз стандардите на Светската здравствена организација, но ЕК вели дека одат и чекор подалеку и смета дека ЕУ со ова поставува нов глобален стандард.
Мерките би требало да го намалат штетното влијание на загадувањето врз човечкиот организам и врз природните ресурси, како што предвидува Зелениот Пакт на Европската Комисија.
Според Европската Комисија, со овој ревидиран закон ќе се олесни справувањето со загадувањето од микропластиката како и од штетни хемиски супстанци.