Во текот на денот раководството на СДСМ ќе има средба на која ќе се разговара за тоа кој ќе биде премиер во техничката Влада и јавноста ќе биде информирана за тоа, изјави координаторот на пратеничката група на партијата Јован Митровски.
Тој не сакаше да ги потврди информациите дека актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски ќе биде технички премиер во Владата, што треба да ги организира следните избори.
– Во текот на денот политичкото раководство ќе има редовна координација и најверојатно ќе се донесе таа одлука. Кога ќе се донесе таа одлука, дали денес или во следниот период ќе бидете известени. Во овој момент не сакам да зборувам за шпекулации, рече Митровски.
Следната недела се очекува премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев да одржи средба со коалициските партнери на која ќе се разговара за предлогот за технички премиер пред претстојните избори во април следната година.
Претседателот на Партијата за движењето на Турците (ТХП), Енес Ибрахим денеска во изјава за медиумите истакна дека за нив е прифатлив предлогот технички премиер да биде актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.
– За Партијата за движење на Турците, Оливер Спасовски е прифатливо решени за технички премиер. Наредната недела СДСМ ќе одржи средба со коалициските партии на која ќе се донесе конечна одлука, изјави Ибрахим, кој е пратеник во Собранието.
Првиот технички премиер, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Емил Димитриев денеска изјави дека не сака да се меша во персонални решенија и не сака да шпекулира, но, вели дека посакува таа техничка Влада да си ја одработи својата работа, а тоа е првенствено организирање и спроведување на предвремените избори и да добиеме нова влада која ќе се справи со сите предизвици со кои се соочуваме.
– Овој облик на техничка Влада, по мое мислење, е за општества кои немаат соодветен степен на демократија и независност на институциите. Ова е решение за општества каде што политиката има силно влијание во институциите и со техничката Влада главна цел е да се направи колку толку баланс помеѓу влијанието на политичките партии и затоа се одбрани министерства кои во суштина имаат широк допир со поширока јавност и што може да влијаат во дадени избори, вели Димитриев.
Важно е, додаде тој, овој тип на влади да трае онолку колку што е предвидено – три месеци и ниту ден повеќе, бидејќи работењето на овие влади во други околности е многу комплицирана ситуација.