Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, министерот за образование и наука Арбер Адеми, Никола Бертолини, претставник од Европската делегација и претставници на меѓународните организации, институциите и граѓанскиот сектор денеска во Владата на Република Северна Македонија одржаа состанок на секторската работна група за образование, вработување и социјална политика.
Во согласност со дел од заклучоците од претходниот состанок, како што соопшти МТСП, на денешниот состанок беше разгледана и ревизијата на Програмата за реформи во вработувањето и социјалната политика (ЕСРП) 2022 година, која што ја подготвија Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование.
– Силно верувам дека успешни политики се креираат само со учество на сите општествени чинители. Преку секторската работна група заеднички носиме одлуки од областа на образование, вработување и социјална политика. Тука се вклучени релевантните национални институции и организации, донатори, бизнис заедницата, граѓанските организации и социјалните партнери, рече Царовска.
Во рамки на оваа Секторска работна група се дискутираат, идентификуваат и поставуваат приоритетите во образованието, вработувањето и социјалната политика. Исто така, се обезбедува секторска и донаторска координација во имплементација на националните политики.
Вклученоста на сите партнери во Секторската работна група особено е значајно во овој период кога започнува фазата на дефинирање нов циклус политики, а следува и процесот на планирање и програмирање на претпристапната помош за периодот по 2020, односно програмирањето на ИПА 3.
Европска комисија има дефинирано рамка со пет приоритети што може да се финансираат. Работата продолжува со секторскиот пристап, за да се постигне договор за стратешки тематски приоритети со Комисијата и да се дефинираат акцискиските програми.