На 31 мај обвинетиот, во состојба на тешко пијанство со присуство на 3,27 промили алкохол во крвта и 2,7 промили алкохол во урината, управувал со автомобил во сопственост на неговата сопруга.
Притоа, движејќи се по улицата „Гоце Делчев“ во Кавадарци, каде брзината на движење на возилата е ограничена на 40 км. на час, обвинетиот го управувал автомобилот со брзина од 84 км. на час, односно со брзина која е за 44 км. на час поголема од дозволената. Доаѓајќи до крстосницата меѓу улиците „Гоце Делчев“ и „Осми септември“, навлегол во вкрстувањето при вклучено црвено светло на семафорот.
Во тој момент, пак, од улицата „Осми септември“ на крстосницата, во состојба на кочење, навлегувал мопед марка „Априлија“ со кој се превезувале две деца. Мопедот со предното тркало удрил во десната предна врата на автомобилот, а од ударот мопедот заедно со оштетените деца паднал на коловозот, лизгајќи се.
Притоа двете деца се здобиле со тешки телесни повреди. Иако со автомобилот што го управувал ги повредил оштетените деца, обвинетиот продолжил да се движи напред, оставајќи ги без помош на коловозот.