Националниот парк „Галичица” и наредната 2020 година ќе добие средства од Фондот за природа „Преспа Охрид” (ПОНТ), за покривање на дел од трошоците за тековното работење на паркот.
Станува збор за средства во износ од 178 илјади евра, за кои НП „Галичица” аплицираше на повикот за финансиска поддршка од страна на Фондот за природа Преспа-Охрид. Тоа е иновативен пристап во финансирањето и работењето на заштитените подрачја, за што ПОНТ минатата година беше избран како победник на наградата „Pathfinder” за 2018 година, што се доделува за извонредни и инвентивни решенија за заштитените подрачја.
Инаку, договорот го парафираа извршниот директор на ПОНТ Миријам де Конинг и Васко Паскали, директор на ЈУНП „Галичица” во присуство на претставници од други организации чии активности исто така ќе бидат финансиски поддржани од страна на Фондот наредната година, за активностите што ќе се реализираат на територијата на Националниот парк.