Амбасадата на САД и онаа на Обединетото Кралство во Приштина се придружија на денешното барање на мисијата на Европската унија (ЕУ) во Косово, упатено до политичките субјекти кои победија на октомврсиките избори, за што побрзо формирање на новата влада.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, во денешното соопштение на претставништвото на ЕУ се нагласува дека е потребно формирање на новите институции заради спроведување реформи за економски и општествен развој, како и во владеењето на правото, спроведување на договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ и продолжување на дијалогот за нормализација на односите со Србија со посредство на Брисел.
Амбасадата на САД го поддржа барањето на ЕУ преку објава на својата официјална страница на Твитер.
– Ние се согласуваме со ЕУ: Луѓето во Косово со нетрпение чекаат Влада која ќе донесе позитивни промени, порача американската амбасада.
Слично, преку својата страница на социјалната мрежа, реагираше и британската амбасада, пренесувајќи го соопштението на мисијата на ЕУ во Приштина и порачувајќи кратко дека се согласува со истото.