Државното обвинителство на Индија поднело нацрт-обвиненија против 19 лица обвинети за заговор за атентат на премиерот Нарендра Моди, како и тероризам и други злосторства, наведувајќи врски со левичарските герилци, пренесува РТ.
Обвинителите во државата Махараштра поднесоа обвиненија во средата тврдејќи дека групата стои зад заговор за убиство на индискиот лидер. Од 16 обвиненија, половина се поднесени согласно Закон за противзаконито дејствување поврзано со тероризмот, а остатокот согласно Кривичниот законик на Индија.
Сите 19 обвинети се активни членови на забранета терористичка организација и заговарале војна против владата, се вели во нацртот, посочувајќи ја Комунистичката партија на Индија (маоистичка), забранета политичка фракција.
Обвинителите исто така тврдат дека групата заговарала да собере оружје во вредност над милион долари и десетици илјади парчиња муниција како дел од планот за атентат. Останува нејасно како точно осомничените планирале да го извршат атентатот.
Обвиненијата потекнуваат од настан во градот Пуне во 2017 година, познат како Елгар Паришад, на кој беа претставени голем број културни претстави со теми против кастите. Полицијата соопшти дека фестивалот бил финансиран од маоистичката група како дел од обидите да се поттикне насилство и соборување на владата, обвинувајќи го настанот за судирите што подоцна избувнаа во селото Бима Корегон.
Деветмина од обвинетите – повеќето од нив активисти, адвокати, академски граѓани и коментатори – веќе се приведени, додека полицијата продолжува да трага по 10 други осомничени, меѓу кои пет маоистички тајни оперативци и пет члена на Кабир Кала Манч (ККМ), левоориентирана културна организација на Далитите, кои седат на најниското ниво на древниот систем на касти во Индија. Иако ККМ претходно беше обвинета за врски со маоистите – обично нарекувани Наксалити, групата тврди дека нема никаква врска со тероризмот.
Судот во Махараштра најверојатно ќе свика расправа за обвиненијата на почетокот од следниот месец, пред случајот да продолжи со судење.