Во 2020 година Република Северна Македонија ќе биде домаќин на НАТО – Евроатлантскиот центар за координација на одговор при катастрофи (EADRCC) цивилна вежба за одговор при катастрофи, досега најголемата и најмасовната вежба што ќе се одржи во земјава.
Целта на вежбата е подобрување на интеоперабилноста и соработката на Република Северна Македонија со НАТО-членките и другите членки на Партнерството за мир (ПзМ), со цел зајакнување на националните капацитети.
Центарот за управување со кризи е овластена институција од страна на Владата на РСМ, во соработка со другите релевантни субјекти од Системот за управување со кризи и ЕАДРЦЦ да ја организира вежбата во согласност со националната легислатива.
Заради потврдување на соработката помеѓу Република Северна Македонија и НАТО – EADRCC, денеска ќе биде потпишан Меморандум за соработка за организација и спроведување на вежбата „Северна Македонија 2020″. Како што соопштија од Центарот за управување со кризи, ќе се доделуваат и сертификати за опрема во рамките на проектот НАТО СПС, а кои ќе бидат користени и за вежбата.
За таа цел, денеска во Скопје ќе пристигне заменик-помошник генералниот секретар за операции при НАТО, Џонатан Периш, кој ќе го потпише Меморандумот во име на НАТО, додека од страна на РС Македонија, ќе биде потпишан од директорот на Центарот за управување со кризи, Агрон Буџаку.