Земјоделците и градежните работници протестираат ширум Холандија, бидејќи ги губат своите работни места поради владината политика за намалување на загадувањето на воздухот.
Во Холандија, многу градежни проекти беа суспендирани оваа година затоа што домашниот суд утврди дека градежните дозволи не се во согласност со регулативите на ЕУ за заштита на животната средина, пренесува Капитал.ба.
Холандската влада се обидува да го намали загадувањето на воздухот, а парламентот во вторникот по итна процедура го донесе законот за новото ограничување на емисијата на штетни гасови. Законот ги обврзува земјоделците да ги променат состојките на добиточната храна, се стимулира укинувањето на фармите за свињи и се намалува максимално дозволената брзина на холандските патишта од 130 на 100 километри на час.
Владата објави и дека постигнала широк договор со коалиција на земјоделски групи за борба против емисијата на азотни оксиди, но земјоделците со трактори го блокирале главниот пат на границата со Германија и паркирале во центарот на Хаг.
Земјоделците и градежните работници, кои сметаат дека не е фер да бидат погодени од мерките за животната средина, се упатиле и кон една електрана на јаглен, за да укажат индустријата е најголем загадувач.
Протестите биле претежно мирни, но полицијата соопшти дека казнила 24 земјоделци за сообраќајни прекршоци, вклучително и возење трактор.