Српскиот претседател, Александар Вучиќ, вечерва, во Тирана изјави дека постигнал договор со премиерите на Албанија и на Северна Македонија за поголема интеграција на надлежните органи задолжени за итни случаи на трите држави.
Тој најави дека следната средба во рамките на иницијативата мини шенген ќе се одржи во Белград на крајот на јануари 2020 година.
„Следната средба ќе ја одржиме кон крајот на јануари во Белград и мислам дека тоа ќе биде историска средба поради она што ќе го завршиме до тогаш“, изјави Вучиќ во Тирана, каде што викендов се одржува третата средба за унапредување на соработката меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија.
Вучиќ додаде дека пред крајот на годината, ќе биде решено дека само со лична карта ќе може да влезе на територијата на која било од државите вклучени во мини шенгенот. Српскиот претседател нагласи дека креиран е и софтвер за единствен пазар, кој се очекува да придонесе за поголем број инвеститори.