Со Одлука за вршење на работите за располагање со градежно земјиште сопственост на РМ од 18.12.2018 година, Општина Центар по долго време го добива на располагање неизграденото градежно земјиште во сопственост на државата и предметите поврзани со земјиштето.
По добивање на предметите, Општина Центар до Основно јавно обвинителство за организиран криминал и корупција и до МВР – Единица за корупција достави Известување за констатирана состојба во форма на Извештај за сите предмети кои ни беа предадени и за кои сме должни да ги следиме договорите и да постапуваме.
Станува збор за вкупно 28 предмети во врска со склучени Договори за оттуѓување на градежно земјиште по пат на јавно наддавање. Меѓу нив е и предметот за Шпанските скали, за кој Обвинителство за организран криминал и корупција минатата недела соопштија дека покренале обвинение.
Во почетокот на 80-тите години од страна на Мајка Тереза, тогашниот Скопско призренски Бискуп, Јоаким Хербут и тогашниот градоначалник на Скопје, Методи Антов, на местото на кое некогаш се наоѓала куќата на Мајка Тереза, во знак на почит, засадиле 3 дрва.
На истата таа парцела во февруари 2012-та за прв пат во Деталниот урбанистички план Мал Ринг се вцртани таканаречените „Шпански скали“.
„Во ноември 2013-та земјиштето, кое се наоѓало во сопственост на државата, се оттуѓува во корист на компанијата Амадеус Девелопмент, за изградба на објект од комерцијални и деловни намени. Врз основ на членот 66 став 1 од Законот за градење, поради неотпочнување на градба од страна на инвеститорот, Општина Центар го поништи одобрението за градење“, изјави на денешната прес конференција градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
Богдановиќ како друг пример го наведе и предметот на компанијата Графички Центар, тогаш во сопственост на МПМ, за парцела во ДУП-от Тетовска трошарина за изградба на објект со намена В3 – култура.
Во декември 2012-та година Графички центар добива писмено известување од НУ Конзерваторски Центар дека на таа локација можно е да има подземни муслимански некрополи од 19-ти век и дека услов за добивање на одобрение за градење е претходно да се направи сондажно археолошко истражување.
Иако Графички центар не го извршува тоа сондажно археолошко истражување, во декември 2013-та земјиштето е отуѓено за изградба на објект со намена В3 – култура. Од октомври 2014-та до февруари 2017-та, постојат преписки помеѓу Министерството за транспорт и врски, Графички центар ДОО Скопје и НУ Конзерваторски Центар – Скопје поврзани со барање за пролонгирање на рокот за добивање одобрение за градење поради пронајдени остатоци од муслимански некрополи од 19 век.
Богдановиќ дополни дека Општина Центар ќе го продолжи трендот на преземање дејствија и покренување истраги за сите предмети кои ги следи општината, односно за сите градежни парцели за кои се склучени договори за оттуѓување на градежно земјиште.